Директорот на Агенцијата за примена на јазикот (АПЈ), Илбер Села, оствари работна средба со Ајет Реџепи, советник за локална економија во општина Гази Баба.
Директорот Села изрази благодарност за посетата и истакна дека му претставува особено задоволство што му е домаќин на г. Реџепи како човек којшто симболизира храброст, интегритет и упорност во остварувањето на своето јазично и граѓанско право во средината во којашто работи.
По повеќегодишна судска битка, случајот на г. Реџепи доби позитивен епилог при што во неговиот случај, и од страна на првостепениот граѓански суд и од страна на Апелацискиот суд, беше утврдена повреда на правото на еднаков третман, односно утврдена дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работата и работните односи.
Двете страни се согласија дека ваквиот судски епилог е пример што позитивно ќе влијае не само на примена на судската пракса и во идни можни случаи од ваков карактер, туку и ќе влијае позитивно на превенција, афирмација и унапредување на еднаквиот третман и недискриминацијата во насока на поддршка на владините заложби за изградба на општествена средина што ги почитува, ги заштитува и ги унапредува јазичните права на своите граѓани. Албанскиот јазик е официјален јазик и се гарантира со закон и секој кој во иднина ќе биде дискриминиран на јазична база треба да се жали кај релевантните институции.