Директорот на АПЈ, Илбер Села, оствари работна средба со Татијана Темелкоска, претставник на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Средбата е продолжение на одличниот дијалог и соработка меѓу АПЈ и ОБСЕ воспоставена од самото основање на АПЈ.
На средбата, директорот Села ја информираше својата соговорничка за планираните проекти како дел од стратешките приоритети на АПЈ и побара поддршка и конкретизирање на модалитетите за заедничка соработка со Мисијата на ОБСЕ на проекти, чија цел е зајакнување на граѓанскиот концепт, промовирање на меѓуетничкиот дијалог и соживот преку имплементација на програми за обука за преведувачи и лектори, како и кампањи за промоција на предностите за изучување на јазиците кои овозможуваат споделување на заеднички вредности на толеранција и разбирање уште од најмала возраст во образовниот процес.
Претставничката од ОБСЕ, Темелкоска, информираше за активностите и придонесот на ОБСЕ околу изготвувањето на Националната стратегија за развој на концептот на едно општество и интеркултурализмот и ја истакна важноста и улогата на АПЈ во процесот на промоција и заштита на јазичните права на граѓаните, како и поддршка на институциите од јавниот сектор во спроведувањето на законските обврски за употреба на јазиците.
Во овој контекст, двете страни се согласија дека во општеството сѐ уште постојат ретроградни процеси и политики кои водат кон предрасуди, поделби и нетрпеливост кои не придонесуваат кон јакнење на граѓанскиот концепт на современо демократско општество на еднакви граѓани и дека ќе биде потребно време, напори, но и спроведување на заеднички активности кои ќе резултираат кон зголемување на свеста во општеството за придобивките кои ги нуди ваквиот концепт.