Тркалезна маса

Тема: „Мајчиниот јазик, цивилизациска придобивка или демократска бариера во XXI век”

13
Почитувани присутни,
Ми претставува голема чест и задоволство што ја прифативте поканата да бидете дел од денешната тркалезна маса, што се одржува во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Како и минатата година и оваа година повторно го одбележуваме овој значаен ден, 21 февруари, којшто од страна на УНЕСКО е прогласен за Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
Јазикот претставува вродена биолошка способност, но изучувањето на истиот е процес кој трае цел животен век. Тој е непресушен извор кој тече и кој треба да се негува, да се надоградува и да се внимава на неговата чистота. Мајчиниот јазик не само што ја симболизира посебноста на еден народ, на една култура, на една историја, туку служи и за да ги обедини луѓето и културно да ги поврзе генерациите кои ги градат цивилизациските вредности во општеството.
Република Северна Македонија, како простор во којшто се испреплетуваат мноштво јазици, култури и религии, претставува синоним за јазичен диверзитет што ја сочинува една општествена заедница на различности.
Во овој контекст, на ваквата различност треба да се гледа како на придобивка, а не бариера за општествен напредок и социјална кохезија. Јазикот на разумот ги руши сите бариери, стереотипи и предрасуди и претставува фактор за меѓуетничка интеракција.
Овозможувањето на услови за негување и изразување на мајчиниот јазик во една демократска средина треба секогаш да биде во интерес на општествените чинители, а обезбедувањето на почитување на јазичната посебност на сите етникуми и нивните респективни јазици да биде еден од приоритетите при имплементација на јазичните политики. Мајчиниот јазик и неговата непречена употреба претставува фундаментално право на секоја индивидуа и демократската зрелост на една држава се согледува во начинот и степенот на остварување на ова право загарантирано со бројни меѓународни акти.
Денес, го славиме овој значаен датум да го изразиме нашето почитување кон албанскиот јазик, како службен јазик на институционално ниво и мајчин јазик на голем број граѓани во нашата држава. Но не само познавањето на мајчиниот јазик, туку познавањето и на јазикот на својот сограѓанин од друга етничка заедница придонесува за подобро разбирање, поголема соработка и поврзување на различните култури преку оваа важна алатка – јазикот како најголемо духовно богатство на човекот.
Дозволете ми, почитувани дами и господа, на крајот од моето обраќање, уште еднаш да ви се заблагодарам за вашето учество и се надевам дека ќе имаме вредни излагања и плодна дискусија во рамките на оваа тркалезна маса.
Можеби исто така ви се допаѓа