Посета на директорот Села на општина Чашка

67
Директорот на Агенцијата за примена на јазикот на РСМ, Илбер Села, ја посети општина Чашка каде што оствари работна средба со градоначалникот Горан Стојановски.
Заблагодарувајќи се за можноста за директна средба, директорот Села го информира градоначалникот Стојановски дека од општина Чашка започнува планираниот циклус на посети на единиците на локална самоуправа во коишто најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, а којшто ќе се реализира во тековната година.
Исто така, директорот Села имаше можност директно на терен да ја согледа состојбата со примената на службените јазици во општина Чашка, како една од најголемите општини по својата површина во Република Северна Македонија, во којашто покрај македонскиот, службен јазик е и албанскиот јазик и неговото писмо имајќи ја во предвид етничката застапеност на населението. И покрај констатираниот напредок, сепак останува да се преземат понатамошни активности и дополнителни напори во поглед на кадровско екипирање на општината заради превод и лектура на службената документација, обезбедување на ефикасни општински услуги на службените јазици за граѓаните, усогласување во делот на називите на инфраструктурните објекти во општината и нивна инскрипција на службените јазици итн. Во овој дел, директорот Села понуди стручна помош од страна на АПЈ за превод и лектура на обрасци, формулари, барања и други службени акти кои се користат од граѓаните како корисници на општинските услуги.
Двете страни средбата ја оценија како мошне корисна и продуктивна, при што се заложија за унапредување на соработката и комуникацијата помеѓу двете институции.
Можеби исто така ви се допаѓа