ПОЗДРАВЕН ГОВОР НА ДИРЕКТОРОТ НА АПЈ, ИЛБЕР СЕЛА, НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА „АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ПРЕД И ПО УСВОЈУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ ВО 2019 ГОДИНА“

1
Почитувани присутни!
Посакувајќи ви добредојде на нашиот настан, најпрво дозволете ми да го изразам моето задоволство за публикување на ова специјално издание што денеска свечено го промовираме пред вас и пред целата јавност на Република Северна Македонија.
По долго истражување на група автори, универзитетски професори и експерти од областа на правото, конечно, Агенцијата за примена на јазикот на РСМ со своите тимови, уредувајќи ја и лекторирајќи ја, успеа да ја издаде книгата „Албанскиот јазик пред и по усвојувањето на Законот за употреба на јазиците од 2019 година“. Како што може да се види од самиот наслов, оваа студија е поврзана со историјата на службената употреба на албанскиот јазик од конституирањето на оваа држава во којашто живееме па сѐ до ден денес кога албанскиот јазик ужива повисок статус.
Имено, може да се каже дека ова е долг и напорен процес, полн со тешкотии и предизвици, полн со обиди и жртвувања од страна на Албанците од овие краишта. Токму овој континуиран историски и политички развој нè носи во 2019 година кога е донесен Законот за употреба на јазиците, како повисоко достигнување, со што албанскиот јазик достигна највисоко ниво на службена употреба, чиј резултат е воспоставувањето на Агенцијата за примена на јазикот, со којашто раководам, како и на Инспекторатот за употреба на јазиците, како две институции што се грижат да помогнат и да го применат албанскиот јазик во државните институции.
Книгата „Албанскиот јазик пред и по усвојувањето на Законот за употреба на јазиците 2019 година“ е јасна слика на овој процес; тоа е научна, правна, политичка и социјална определба; тоа е национална и граѓанска визија. Во овој период успеваме да ја создадеме нашата национална и граѓанска свест за зачувување и спроведување на албанскиот јазик во согласност со законските одредби.
Секако, оваа книга ја гледам како важен и суштински прирачник за сите албански граѓани на РСМ, особено за оние што работат во државните институции, како инспирација и водич да се вложат максимални напори и да се покаже грижа за албанскиот јазик што е печат на нашиот идентитет.
На крајот, пред да им дадам збор на рецензентите на оваа книга, би сакал пред сите вас да истакнам дека истовремено чувствувам задоволство и гордост поради тоа што во една ваква студија успеавме да го сублимираме прашањето за албанскиот јазик, да се потсетиме каде бевме некогаш и каде сме денес, да не се фалиме кој политички субјект најмногу направил, туку едноставно да ја видиме вистината таква каква што е, во светлината на аргументите и заложбите.
Без да должам, посакувам оваа книга да го најде својот пат до читателот и да има позитивен одзив.
Ви благодарам!
Можеби исто така ви се допаѓа