Директорот Села на средба со германскиот заменик-амбасадор Граф

110

Директорот на Агенцијата за примена на јазикот (АПЈ), Илбер Села, оствари работна средба со Ото Граф, заменик-амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.
На средбата, директорот Села изрази задоволство од посетата и интересот на германската амбасада за работата на АПЈ и се заблагодари за досегашната билатерална помош која Сојузна Република Германија ја овозможува на Република Северна Македонија во голем број на општествени сегменти. Воедно, упати срдечен поздрав и покана за посета на АПЈ и до амбасадорот Герберих, и го информираше својот соговорник за важноста од функционирањето на АПЈ во насока на поддршка на владините заложби за изградба на кохезивно мултиетничко општество кое води кон интеграција, наместо кон поделба на граѓаните, односно општество кое ги гарантира, промовира и унапредува правата на своите граѓани, вклучително и правото на изразување и употребата на својот мајчин јазик.
Заменик-амбасадорот Граф размени ставови со директорот Села во однос на искуствата и предизвиците при признавањето и етаблирањето на германскиот јазик во европски рамки и изрази отвореност за соработка со директорот Села за понатамошно продолжување на меѓусебниот дијалог и поддршка за работата на АПЈ во реализација на нејзините работни цели.
Двете страни се согласија дека образованието е еден од клучните сегменти во коишто треба да се вложат огромни напори за разбивање на стереотипите и националистичките предрасуди и дека преку квалитетни и добро конципирани образовни политики може позитивно да се влијае врз свеста и значењето од прифаќање и изучување на јазикот на својот сограѓанин од друго етничко потекло како богатство и алатка за комуникација и меѓусебно разбирање.

Можеби исто така ви се допаѓа