Директорот Села во посета на Државниот инспекторат за животна средина

36

Директорот на Агенцијата за примена на јазикот на РСМ, Илбер Села, денес го посети Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) каде што оствари средба со Ана Петровска, вршител на должност директор на Инспекторатот.

Посетата беше иницирана од директорот Села заради согледување на состојбата околу примената на Законот за употреба на јазиците во работата на Инспекторатот, како и воспоставување на соработка меѓу двете институции по прашања поврзани со употребата на службените јазици.

Директорката Петровска истакна дека се преземени чекори во насока на усогласување на работата на Инспекторатот со законските обврски, но дека се соочува со недостиг на кадровски ресурси за превод на службени акти, но вети дека ќе се направат напори за надминување на ваквата состојба. Заради непречено одвивање на работните процеси, директорот Села понуди целосна поддршка во делот на стручна помош за превод и лекторирање на службени обрасци и документи, а достави и сет на публикации во издание на АПЈ.

На средбата беше констатирана потребата од прилагодување на подзаконските акти коишто ја пропишуваат формата и содржината на актите од инспекциски надзор, а коишто ги користи Инспекторатот, заради обезбедување јазични верзии од актите на двата службени јазика.

На крајот од средбата, двајцата соговорници ја реафирмираа заложбата за продолжување на дијалогот и меѓуинституционалната соработка.

Можеби исто така ви се допаѓа