Директорот на АПЈ Илбер Села, во посета на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“

101
Директорот на Агенцијата за примена на јазикот (АПЈ), Илбер Села, ја посети Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје, каде што оствари работна средба со Наташа Габер-Дамјановска, директор на академијата.
Средбата е дел од редовните средби што директорот на АПЈ ги остварува со раководителите на институциите од јавниот сектор во врска со имплементација на Законот за употреба на јазиците, вклучително и во работата на академијата како јавна установа.
При посетата констатирано е дека академијата доцни во реализацијата на обврските од примената на законските одредби, иако се отпочнати одредени активности како што е промената на службените печати, таблата, како и овозможување на полагање на психолошкиот тест како дел од процесот на селекција за прием на кандидати во почетна обука на академијата на службените јазици.
Директорот Села истакна дека е потребна поголема заложба со цел академијата да го интензивира процесот на усогласување со законските обврски, а особено важно е да се овозможи целосна употреба на службените јазици во работата на академијата, како и овозможување на полагање на испитите кои ги спроведува академијата на службените јазици.
Директорката Габер-Дамјановска го информира својот соговорник дека тековно се спроведува процес на селекција за прием на 8-мата генерација на кандидати во почетна обука на академијата, но поради буџетски, технички и кадровски ограничувања, испитите кои се составен дел од процесот на селекција нема да се спроведат на службените јазици, но дека ќе се направат напори од наредната година да се подобри состојбата. Во тој контекст, директорот Села истакна дека АПЈ е подготвена за соработка и може да го помогне ваквиот процес со стручна помош во делот на превод и лектура на актите на академијата, како и обука на вработените во делот на превод и употреба на терминологијата на службените јазици.
Двете страни се заложија да одржуваат редовна комуникација и соработка заради полесно и поефикасно остварување на правата на граѓаните на службените јазици.
Можеби исто така ви се допаѓа