Говор на директорот Села на тркалезната маса одржана во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

60
Почитуван Прв заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г. Груби,
почитуван заменик-министер, г. Рахман,
почитуван државен секретар во Министерството за образование и наука,
г. Бељули,
почитуван директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците,
г. Куртиш,
почитуван директор на Државниот инспекторат за употреба на јазиците,
г. Исени,
почитуван директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, г. Станчиќ,
почитуван директор на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците, г. Ујкановиќ,
Со голема чест и задоволство ја прифатив поканата да учествувам на денешната тркалезна маса, што се одржува во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Дозволете ми, во оваа прилика, да изразам благодарност до вицепремиерот Груби за поканата за учество на денешниот настан, како и за неговата лична заложба за решавање на просторното прашање и овозможување услови за функционирање на јавните институции коишто имаат надлежности од области поврзани со припадниците на заедниците, да бидат просторно сместени и да функционираат во рамките на еден репрезентативен објект во којшто е сместено Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
21 февруари е прогласен од УНЕСКО за Меѓународен ден на мајчиниот јазик и се одбележува во сите земји во светот. Таткото на модерната лингвистика, познатиот американски научник и лингвист Ноам Чомски кажал: „Јазикот не е само зборови. Тој е култура, традиција, унифицираност на општеството, цела историја што го прикажува општеството какво што е. Сето тоа е отелотворено преку јазикот.“ Во тој контекст, Република Северна Македонија во целосна смисла на зборот го одразува значењето на поимот „диверзитет“ бидејќи претставува богатство од различни јазици, култури и религии што меѓусебно се испреплетуваат во рамките на еден географски простор.
Јазичниот диверзитет, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашето општество претставуваат предност, а не хендикеп, и како специфики треба континуирано да се негуваат и да се унапредуваат заради обезбедување социјална кохезија и соживот меѓу заедниците. Наместо средство за разгорување на националистички идеи и поделби, јазикот треба да претставува фактор на поврзување и алатка за меѓуетничка интеракција.
Почитувањето и грижата за јазичниот диверзитет треба секогаш да биде во фокусот на јавните политики заради обезбедување инклузивност на сите заедници преку поддршка на еднаков однос кон јазичната разновидност, наспроти фаворизирање на јазичните и културни специфики на само еден етникум. Правото на употреба на својот мајчин јазик претставува основно право на секоја индивидуа и развојот на демократските процеси во една држава зависи од степенот на остварување на правото на јазична еднаквост и почитување на јазичниот плуралитет.
Целта на овој ден е да го цениме јазикот како важна алатка за развој, обезбедување разновидност и меѓукултурен дијалог, како и зајакнување на соработката и постигнување квалитет во образованието за сите, истовремено создавајќи инклузивни општества.
Албанскиот јазик е нашето заедничко богатство. Затоа да го сакаме, да го заштитиме и да го промовираме заедно, генерација по генерација.
Дозволете ми, почитувани дами и господа, на крајот од моето обраќање, уште еднаш да му се заблагодарам на организаторот на поканата за учество и можноста да се обратам со свое излагање на денешниот настан.
Можеби исто така ви се допаѓа