Говор на директорот на АПЈ, Илбер Села по повод на промоцијата на научната публикација

4
„Правни аспекти на употребата на јазиците во
Република Северна Македонија“
Почитувани дами и господа,
почитувани членови на академската заедница, драги колеги,
почитувани претставници на институции, медиуми,
почитувани гости,
Задоволство ми е што заедно со вас имаме прилика да го промовираме научниот труд со работен наслов „Правни аспекти на употребата на јазиците во Република Северна Македонија“.
Промоцијата на овој труд се совпаѓа со одбележувањето на Денот на правосудството, имајќи предвид дека главната тематика на трудот е токму правосудниот систем и употребата на јазиците во постапките пред правосудните институции.
Водени од размислувањето да се согледаат правните аспекти на употребата на јазиците во едно поспецифично општествено поле како што е правосудството, во изминатиот период се обидовме да се осврнеме на состојбите поврзани со примената на јазиците во правосудниот систем како еден од најважните столбови на кои се заснова секоја општествена заедница.
Заштитата на уставно и законски загарантираните права на граѓаните, меѓу кои и правото на употреба на својот јазик во постапките пред правосудните институции, претставува не само право, туку и потреба за нивно реално остварување на секој граѓанин што има потреба за тоа, без оглед дали граѓанинот е странка или можеби се јавува во некое друго својство во одредена постапка.
Свесни сме дека постојат и низа предизвици со кои се соочува правосудниот систем, област во којашто постојано се говори за потребата од неопходни реформи што треба да ги подобрат и да ги унапредат состојбите.
Овој труд нека биде мотив за преземање активности и обезбедување на потребните услови за имплементација на еден од ваквите предизвици, а тоа е Законот за употреба на јазиците во правосудниот систем.
На крај, би сакал да му се заблагодарам на коавторот м-р Лазо Матовски за посветеноста и соработката во процесот на подготовка на трудот, на рецензентите проф. д-р Јетон Шасивари и проф. д-р Афет Мамути за нивниот придонес и рецензија на трудот, како и на тимот од Агенцијата за примена на јазикот на РСМ што помогна овој труд да ја види светлината на денот.
Се надевам дека трудот ќе наиде на позитивен одзив кај читателите.
Ви благодарам на вниманието!

 

Можеби исто така ви се допаѓа