Говор на директорот Илбер Села на промоцијата на книгата “Arbëreshët midis realitetit dhe mitit” („Арбрешите меѓу реалноста и митот“) од Фатмир Точи

4

Почитувани пријатели!

Најпрво сакам да нагласам дека е посебен и постојан предизвик да се влезе во светот на Арбрешите од Италија, особено ако тоа го правите на истражувачки начин за да ја извадите на виделина суровата реалност на оваа стара дијаспора, што остана како посебна национална гордост на Албанците. Слободно и отворено можеме да кажеме дека без Арбрешите не би биле тоа што сме денес: луѓе со јазик, историја, култура, традиции итн.

Несомнено, книгата “Arbëreshët midis realitetit dhe mitit” („Арбрешите меѓу реалноста и митот“) на авторот Фатмир Точи нè води или нè потсетува дека арбрешката дијаспора е срцето на Албанците. Има раселување и страдање, историја и издржливост, идентитет и натурализација, постоење и визија. Споменатиот автор ја открива својата реалност со тоа што нè соочува со феноменот Арбреш што успеал да опстане до денес без да исчезне дури и во глобални околности. Историските факти и многубројните податоци што тој ги внесува во оваа книга, го изложуваат она што го изгубивме во текот на историјата, а тоа е татковината што остана во рацете на окупаторите. Меѓутоа, од друга страна може да се разбере дека Арбрешите создале виртуелна татковина пренесувајќи ја од колено на колено во нивната колективна меморија, зачувувајќи го и негувајќи го стариот јазик, како и градејќи ја визијата за повторно создавање вистинска татковина.

Читајќи ја оваа многу важна историско-културна книга, секако се враќаме во сржта на нашата историја и реалност со подлабоко размислување за тоа што сме биле, за тоа што сме и за тоа што ќе бидеме. Пред сè, успеваме да ја освежиме нашата колективна и национална меморија, успеваме да се инспирираме дополнително да го зачуваме нашето битие и идентитет, особено албанскиот јазик што е загрозен од глобалниот притисок. Арбрешите што Фатмир Точи ги открива во сите историски, културни, политички, социјални, егзистенцијални димензии итн., нè тераат да размислиме и да се увериме дека секоја тешкотија може да се надмине и да останеме Албанци каде и да сме. Тоа значи дека интеграциските процеси што се случуваат не значат изумирање и асимилација, туку натпревар и рамноправна комуникација меѓу народите на нашиот континент.

Бидејќи сум на чело на институција што се грижи за албанскиот јазик, како што е Агенцијата за примена на јазикот, уште повеќе чувствувам обврска да се вклучам во оваа област. Затоа можам да кажам дека книгата на Фатмир Точи е покана за сите нас да го заштитиме своето битие, особено да го зачуваме албанскиот јазик што е доживотен тестамент.

Ви благодарам за вниманието!

Скопје, 06.05.2022

 

Можеби исто така ви се допаѓа