Говор на авторот, Лазо Матовски по повод на промоцијата на научната публикација

8
„Правни аспекти на употребата на јазиците во
Република Северна Македонија“
Почитувани дами и господа,
почитувани членови на академската заедница,
почитувани претставници на институции, медиуми,
почитувани присутни,
Ми причинува посебна чест и задоволство што ја прифативте поканата да присуствувате на денешната промоција на книгата „Правни аспекти на употребата на јазиците во Република Северна Македонија“.
Не би сакал премногу да должам и би се надоврзал на излагањето на коавторот на оваа книга проф. д-р Илбер Села.
Не случајно е избран денешниот ден – Денот на правосудството за промоција на овој труд имајќи во предвид дека истиот ја обработува тематиката на употреба на јазиците во постапките пред правосудните органи.
Основен мотив и појдовна точка за изработка на еден ваков труд беше актуелната состојба поврзана со примената на јазиците во правосудниот систем и чувството за потреба да се преземат активности, односно да се реафирмира интересот за примена на позитивните законски прописи кои ја уредуваат употребата на јазиците во ова исклучително важно општествено поле.
Овој труд се осврнува на материјалните и на процесно-правните аспекти на употребата на јазиците во правниот систем во Република Северна Македонија, со посебен осврт на нивната законска регулација и употреба во правосудните органи, со осврт и на позначајни меѓународни акти што се однесуваат на употребата на јазиците и правото на јазична недискриминација.
Примената на јазиците во правосудниот сектор заради остварување на заложбите за непречено и фактичко уживање на загарантираните права и слободи на граѓанинот како странка е процес исполнет со тешкотии и предизвици од објективна и субјективна природа, како и недостаток на ресурси од материјално-техничка и кадровска природа.
Правосудниот систем несомнено претставува еден од основните столбови на институционалниот систем и воспоставувањето на ефикасен и функционален систем што гравитира кон остварувањето на неговата функција на ефективно, квалитетно и правично правораздавање е важен постулат на начелото на владеење на правото во општествената заедница заснована на почитување на современите цивилизациски вредности.
Секако, оваа книга ја гледам како поттик за посеопфатно институционално делување на сите инволвирани чинители со цел создавање услови за реална и практична примена на Законот за употреба на јазиците во правосудниот систем.
На крајот, би сакал да се заблагодарам на коавторот проф. д-р Илбер Села за конструктивната соработка во процесот на подготовка на книгата, на рецензентите проф. д-р Јетон Шасивари и проф. д-р Афет Мамути за нивната критичка опсервација на трудот, на колегите од Агенцијата за примена на јазикот коишто дадоа свој значаен придонес во подготовката на оваа книга, соработникот Даниела Јаќимовска, лекторите д-р Лилјана Пандева, Ахмет Селмани и Неби Билали, како и колегите кои ја помогнаа подготовката на книгата Елхам Хајрулаху, Рихан Исмаили, Бехар Рушит, Сухејб Мустафа, Елиф Мусаи, Сали Етеми,Куштрим Саити и Дардан Емини.
Се надевам дека оваа книга ќе го најде својот пат до читателот и дека ќе има позитивен одзив кај читателската публика.
Ви благодарам!

 

Можеби исто така ви се допаѓа