АПЈ и Општина Гази Баба започнуваат меѓусебна соработка

7
Директорот на Агенцијата за примена на јазикот (АПЈ), Илбер Села, ја посети Општина Гази Баба, каде што оствари работна средба со градоначалникот Бобан Стефковски, кој беше придружуван од неговиот тим.
На оваа средба се дискутираше за неодамна објавените податоци од спроведениот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, според кои во Општина Гази Баба покрај македонскиот јазик службен станува и албанскиот јазик.
Директорот Села се заблагодари за можноста за остварената средба и понуди стручна помош и поддршка на градоначалникот Стефковски за отпочнување на имплементација на Законот за употреба на јазиците во Општината, со конкретни упатства како да се отпочне и одвива овој процес во неговата прва фаза. Од друга страна, градоначалникот Стефковски изрази подготвеност и волја да се имплементира тоа што претставува законска обврска и очекува поддршка и соработка меѓу двете страни за успешна понатамошна реализација на овој процес.
Двајцата соговорници се согласија дека меѓуинституционалната комуникација ќе продолжи да се одвива со зголемена динамика во следниот период, во интерес на спроведување на законските обврски и остварување на правата на граѓаните на Општина Гази Баба кои го зборуваат албанскиот јазик.
Скопје, 12.04.2022 год.

 

Можеби исто така ви се допаѓа