Агенцијата за примена на јазикот ја започна обуката на преведувачи и лектори во јавниот сектор

47
Од денес, Агенцијата за примена на јазикот ќе обучи 66 преведувачи и лектори од различни државни органи и единици на локалната самоуправа. Како што информираше и директорот на Агенцијата, Илбер Села, на свеченото отворање, ова е прва обука од ваков вид во земјите од регионот.
Села рече дека Агенцијата, на почетокот на својата работа, забележала низа проблеми при употребата на јазиците, особено во употребата на терминологијата, од каде што и произлезе потребата за усогласување со јазиците што се користат во администрацијата. Обука е приспособена според потребите на преведувачите и на лекторите во сите институции, административни тела, пред сè во министерствата, јавните претпријатија и судовите, како и во целиот јавен сектор, за што се ангажирани еминентни професори од Република Северна Македонија, од Косово и од Албанија.
Тој истакна дека Агенцијата за примена на јазикот веќе има издадено прирачник за административни службеници, кој е прв во регионот од ваков вид, а планира да подготви и софтвер за правна и административна терминологија, што ќе биде од голема и практична помош за администрацијата.
Обуката ја поздрави министерката за култура, Ирена Стефоска, која меѓу другото истакна дека грижата за јазикот е најголемото богатство што може да го има еден народ и дека имаме голема одговорност како општество и граѓани да ги негуваме јазиците што се зборуваат во Република Северна Македонија. „Kако што рекол познатиот лингвист и наш голем пријател, проф. Виктор Фридман, Македонија е срцето на балканските контакти“, нагласи Стефоска.
Поздравувајќи ја иницијативата за обука на преведувачи и лектори, министерката Стефоска рече дека неопходноста од професионално познавање на јазиците и нивната примена во јавната сфера е од суштинско значење за функционирањето на секојдневниот живот. Тоа подразбира унифицирање на стручната терминологија на јазиците што се употребуваат во земјата и зголемување на квалитетот на нивната употреба. Министерката Стефоска рече дека е посветена за враќање на достоинството на работата на преведувачите и најави лиценцирање на лектори по албански јазик, на ист начин како што се регулира и статусот на лекторите по македонски јазик.
Додека во негово име им посака добра и успешна работа на учесниците на обуката, и државниот секретар на Министерството за политички систем, Рами Ќерими.
Обуките беа предвидени да се одржат во три групи, во кои требаше да се обработуваат различни теми од областа на преводот, како практична помош во спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, во зачувување, унапредување и заштита на официјалните јазици и нивниот еднаков статус во РСМ, но поради новите мерки на Владата заради ситуацијата со ковид-19, обуките ќе бидат одложени за одреден период, за што кандидатите учесници навремено ќе бидат известени за нивното одржување.
Можеби исто така ви се допаѓа