Агенцијата за примена на јазикот и Министерството за труд и социјална политика ја продолжуваат нивната соработка

61
Директорот на Агенцијата за примена на јазикот (АПЈ), Илбер Села, го посети Министерството за труд и социјална политика каде што оствари работна средба со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Двете страни се согласија дека министерството претставува исклучително важна алка во институционалниот систем којшто обезбедува широк спектар на јавни услуги за граѓаните во областите социјална и детска заштита, пензиско и инвалидско осигурување, еднакви можности, работни односи итн. Во тој контекст, се согласија дека особено важно е да се работи во правец на целосна и доследна имплементација на Законот за употреба на јазиците во интерес на овозможување на правото на граѓаните да ги добиваат јавните услуги на министерството на службените јазици.
Директорот Села ја изрази отвореноста за поддршка на министерството во делот на превод и лекторирање на обрасци, формулари, барања, уверенија, лиценци коишто ги користат граѓаните во постапките за остварување на своите законски права.
Министерката Шахпаска истакна дека се преземаат активности за прилагодување на веб-страницата на министерството на двата службени јазика за што е завршена јавната набавка, а исто така ќе се работи во делот на обезбедување стручен кадар за превод и лекторирање заради непречено одвивање на процесот на превод и лекторирање на службените акти на министерството на службените јазици.
Посетата претставува втора посета на директорот Села на ресорното министерство во 2020 година и претставува потврда на заложбите на двете институции за продолжување на дијалогот и унапредување на меѓусебната соработка во интерес на граѓаните.
Можеби исто така ви се допаѓа